Кавадаречката компанија „Урбан инвест” стана генерален спонзор на карате клубот од Кавадарци кој се преименува од „Кожуф” во „Урбан инвест”. Договорот за спонзорство беше потпишан денеска во просториите на компанијата на неопределено време.
– Задоволство и чест е да се спонзорира еден ваков тим. Да се биде светски првак во својата категорија во свет со милијарди деца е многу голема работа. Се одлучивме на овој чекор како општествено одговорна компанија. Сите ние се гордееме со нивните огромни успеси и им посакуваме многу награди и во иднина, истакна сопственикот на „Урбан инвест” Јован Грков кој посака нивниот пример да го следат и другите фирми.
Тренерот на клубот Ивана Аврамова се заблагодари на поддршката. Досега функционирале на грбот на родителите на децата кои спортуваат во клубот.
– Мило ми е што ќе го носиме името на оваа компанија и верувам дека и нашите спонзори ќе бидат задоволни со нашите успеси. Се надевам дека и понатаму ќе бидеме најдобри, рече Аврамова.
Кавадаречките каратистки од карате клубот „Кожуф” се вратија со златен медал од балканското првенство во карате за деца и младинци кое се одржа во Крагуевац, Република Србија.
– До победничкиот пиедестал стинавме откако најпрвин во првото коло ја победивме репрезентацијата на домаќинот, Србија, со 4:1. Со ист резултат во второто коло ја побдеивме репрезентацијата на Турција. Во финале репрезентацијата на Грција ја победивме со 5:0, информираше тренерот на клубот, Ивана Аврамова.
Освен овој ауспех на ката тимот на клубот, Ивана Муфтарова освои бронзен медал во поединечен натпревар во кати. Освоени се и две петти места, Миа Маневска во натпревар за кати поединечно и Владанка Аврамова во кумите до 35 килограми.
– На првенството учествуваа 1.630 натпреварувачи од Албанија, Австрија, Босна и Хецеговина, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Македонија, Србија, Турција, Романија, Унгарија, Кипар, Грција, Словенија, рече Аврамова.
Пет медали освоија младите кавадаречки каратисти од карате клубот „Кожуф” на „шотокан” карате првенството што се одржа во Истанбул, Турција.
Во категоријата кати за момчиња од 8-9 години Петар Аврамов го освои златниот медал. Владанка Аврамова во категорија за девојки од 10-11 години исто така освои злато.
Ката тимот во состав Владанка Аврамова, Миа Маневска и Ивона Муфтарова исто така го освои првото место. Моника Коч освои сребрен медал во категоријата кати поединечно. Миа Маневска освои бронза во кати за девојки од 10 до 11 години-информираа денес од клубот.
Успехот е огромен ако се знае дека на светското првенство учествуваат 2.500 натпреварувачи од 47 земји. Спонзор на учеството на каратистите од „Кожуф” на светското првенство беше кавадаречката компанија „Урбан инвест”.