Ракометарите на Металург не успеаја да натправат изненадување во дуелот со германскиот Кип прв од четвртфиналето во Лигата на шампионите.
На средбата одиграна попладнево во арената „Борис Трајковски“ во Скопје составот на Кил славеше победа со 21:31 нанесувајќи му го на Металург првиот пораз пред своите симпатизери сезонава во Лигата на шампионите.
Германскиот тим стартуваше силовито и цели шест минути не прими гол, а тоа резултираше со водство од 3:0, но сепак македонскиот вице-првак во 11-минута израмни на 4:4.
Следуваше нова серија на Кил овој пат од 4:0 за водство во 16-минута од 8:4, на што Металург возврати со иста мерка па по 20-минути игра резултатот беше нерешен 8:8. Но, одново Кил ја покажа својата сила па до крајот на полувремето постигна 8, а прими само 1 гол, па на паузата меѓу двете полувремиња замина со предност со +5 (9:14). И откако го искористија првиот напад во второто полувреме и поведоа со шест гола разлика (15:9) ракометарите на Кил рутинирано и искусно играа во продолжението. Во ниту еден момент не дозволија на Металург да фати резултатски приклучок, туку до крајот на средбата успеаја и да ја зголемат предноста на највисоки +10 (21:31) што беше и конечен резултат на овој дуел.
Покрај овој натпревар денеска се одигра и средбата меѓу Парис Сент Жермен и Вестпрем во која гостите од Унгарија славеа победа со 28:26. Утре на програмата е дуелот меѓу Рајн Некар Ловен и Барселона, додека во понеделник македонскиот шампион Вардар на гостински терен во Германија ќе го одигра првиот натпревар против Фленсбург. Реваншите ќе се играат на 26 и 27 април.