Иако женскиот ракометен првак на Македонија, ЖРК Вардар го доби посакуваниот противник ЦСМ Букурешт во полуфиналето на Лигата на шампионките, сепак од таборот на црвено-црните несакаат да се „залетуваат“ со најави дека уште од сега ЖРК Вардар се сигурен финалист.
– Нормално е дека размислувавме кој противник е најдобар за нас, ама мора да бидеме со нозе на земја зашто кој било тим да е од Ф4, е квалитетен. Ни падна Букурешт кој го познаваме, но и тие не познаваат. Сите ќе речете со Букурешт е лесно, но со ниту една екипа нема да биде лесно. Мора да бидеме максимално спремни. Не сакам да се дигнеме во облаци, ниту ние, ниту девојките, ниту клубот дека сме во финале. Треба полека чекор по чекор. Затоа ја молам целата јавност и вас новинарите да не не ставате во финале. Признавам дека сум малку посреќна што не е Будуќност или пак Ѓер, кој има мала предност како домаќин на турнирот, изјави Индира Кастратовиќ на средбата со ноивинарите одржана веднаш по дознавањето на противникот.
Радоста беше очигледна по извршената ждрепка. Сите се среќни за извлечениот ривал, но и претпазливи во изјавите.
– Малку посреќни сме што ни се падна Букурешт. Ја познаваме доволно добро екипата, имаме добар резултат со неа од групната фаза. Имаме доволно време и се надевам дека ќе се спремиме, ќе направиме добар резултат и ќе се пласираме во финалето, истакна младата македонска репрезентативка Сара Ристовска.
Искусната чуварка на мрежата на ЖРК Вардар, Ина Суслина беше за нијанса похрабра и оцени дека вардарки овојпат мораат да играат во финалето, односно да се борат за трофејот.
– Мала помош е што играме со Букурешт. Ова е најважен натпревар и не смееме да си дозволиме третпат да не играме во финале, истакна Суслина.
Полуфиналните натпревари ЖРК Вардар – ЦСМ Букуреш и Будуќност – Ѓер ќе се играат на 7 мај, а финалето е ден подоцна во Будимпешта.