Ракометарките на ЖРК Вардар во недела го играат најважниот натпревар во рамките на групата од Лигата на шампионите. Во Скопје ќе гостува „големиот должник“ европскиот вицепрвак Будуќност. Овие две екипи лани одиграа натпревар на „фајнл-фор“ турнирот во Будимпешта, а победа од 22:20 во полуфиналето постигна првакот на Црна Гора.
Во пресрет на дуелот на денешната прес конференција тренерот на ЖРК Вардар Индира Кастратовиќ изјави дека ракометарките на Будуќност во одбраната знаат да бидат и многу агресивни, па дури и груби нешто како рагби како што беше на полуфиналето во Будумпешта.
– Но, ние со цврста игра во одбраната можеме да стигнеме до посакуваната цел, а тоа значи на крајот резултатот да биде во наша корист. Се надевам дека и помошта од трибините ќе биде на потребното ниво, рече Кастратовиќ.
Во редовите на ЖРК Вардар во оваа сезона настапува и репрезентативката на Словенија, Барбара Лазовиќ – Варлец.
– Очекувам добар натпревар особено што нашата форма е во нагорна линија. Во Подгорица одигравме еден тежок натпревар, но тогаш не бевме воиграни. Ако ги намалиме техничките грешки ќе имаме шанса полесно да дојдеме до победата, истакна Лазовиќ.
Претседателката на клубот Гордана Нацева информираше дека тимот на Будуќност во Скопје ќе биде бодрен од 120 нивни навивачи, кои најавиле присуство на натпреварот.
Поради повредата добиена на дуелот со Подравка во претходното коло нема да настапи Јулија Николиќ во редовите на ЖРК Вардар.
Натпреварот ЖРК Вардар – Будуќност се игра во недела со почеток во 19 часот во СЦ „Јане Сандански“. Вториот натпревар од групата Б меѓу Подравка и Турингер се игра во сабота. Будуќност е лидер на табелата со 8 бодови, пред ЖРК Вардар со 6, Турингер има 2, а Подравка 0.