Македонските каратисти, ги завршија натпреварите на првиот турнир од светската 1 Премиер Карате Лига што се одржа во Париз. Сите наши 15 спортисти останаа без пласман и ги загубија борбите во првото или второто коло. Најдобар резултат постигна каратистката на Макпетрол, Моника Стефановска која официјално се пласираше на 9–тото место. Таа со овој резултат ја подобри својата позиција на светската ранг листа, бидејќи освоеното 9-то место носи дополнителни бодови за овој висок пласман.
Добри борби прикажа и нашата спортистка Сара Радичевска која настапи во категорија до 50 кг, таа во првото коло извојува брилијантна победа со Србинката Миливојевич Јелена со резултат 4-0, но во второто коло Сара немаше спортска среќа и загуби со предност поради прв земен поен од Француската спортистка Боуркоис Аурора со резултат 1-1.
Бошко Заборски тренер на Макпетрол изјави: „На овој турнир ние како клуб заминавме со четири спортистки кои се рангирани меѓу првите 50, во своите тежински категории. Турнирот во Париз опен преставуваше прв турнир од Светската 1 Премиер карате лига со што започна новата сезона, за освојување бодови кои се одлучувачки за учество на олимпијадата во Токио 2020 година. Тоа што можевме да забележиме е дека сите држави имаа многу сериозен и професионален настап, со комплетна мобилизација на сите свои потенцијали. На овие турнири имаат право да учествуваат само најдобрите 64 спортисти во секоја тежинска категорија. Генерален заклучок е дека повеќе нема аутсајдери и секоја борба преставува финале за себе. Македонија и сите држави од Балканот, повторно се без медал од овие натпревари, но тоа се однесува и на останатите светски и европски држави кои заостануваат во однос на доминантните каратисти од Јапонија, Франција, Иран и Египет. Втората контрола ние ќе ја направиме на 7-ми февруари кога заминуваме за Гвадалахара, Шпанија на турнир од А серијата, кој е исто така критериумски рангиран од страна на Светската Карате Федерација. Се надеваме дека на овој турнир ќе имаме подобри резултати“ заврши Д-р. Бошко Заборски, тренер на Карате клубот „Макпетрол“ и селектор на Македонската универзитетска карате репрезентација.