Компанијата „Фолксваген“ ги соопшти деталите за интервенциите што ќе ги изврши на спорните дизел мотори во европските држави.
Според германскиот производител, за да го реши проблемот со емисијата на штетните гасови, ќе му биде потребно помалку од еден час време по автомобил.
„Фолксваген“ наведува дека за 1.6 литарските TDI мотори ќе биде потребно вградување на додатоци за зголемување на ефикасноста на моторот. Оваа интервенција ќе трае помалку од еден час време по возило.
Што се однесува до 2.0 литарските ЕА 189 мотори, потребно е само ажурирање на софтверот во траење од околу половина час. На тој начин ќе бидат покриени многу модели опфатени со дизел-скандалот.
Компанијата додава дека овие мерки се однесуваат само на моделите на групацијата на „Фолксваген“ во Европа и дека потезите за 1.2 литарските мотори ќе бидат соопштени подоцна. Се очекува и кај нив да биде доволна само софтверска интервенција.
Првиот човек на „Фолксваген“, Матијас Милер изјави дека неговата компанија ќе ги достави до германските регулатори сите технички детали за поправките на возилата опремени со софтвер за манипулација на вредноста на издувните гасови.
„Фолксваген“ тврди дека преземените мерки нема да влијаат на перформансите и потрошувачката на спорните возила, а дека истовремено ќе ги задоволат европските норми за емисијата на штетните гасови.
Вонредните сервиси ќе почнат во јануари 2016 година, а производителот за тоа ќе го информира одделно секој сопственик на автомобил со проблематичен мотор.