Фудбалската репрезентација на Македонија ја победи Словенија со 3:2 на пријателски натпревар одигран на националната арена Филип Втори во Скопје, победата е јубилејна 50-та за фудбалската селекција на Македонија.
Словенците од првата минута тргнаа офанзивно, во 9. минута имаа пенал, но ТОме Пачовски одлично го одбрани ударот на Јасмин Куртиќ.
Во 26. минута Дарко Тасевски на асистенција на дебитантот Адис Јаховиќ погоди за водство на Македонија од 1:0.
Јаховиќ, напаѓачот на швајцарски Цирих влезе во историјата на фудбалската селекција, откако во 41. минута го постигна 200-от гол за црвено-жолтите. Тоа беше и резултатот на првото полувреме.
Во вториот дел нововлезениот Пецник намали на 2:1, но веќе во следниот напад Агим Ибраими со феноменален удар од 30-тина метри зголеми на 3:1. Пецник во 63. минута повторно намали на 3:2, но тоа беше и конечниот резултат.