Избравме да играме тест дуел со една силна репрезентација која високо котира на ФИФА листата каква што е Данска, бидејќи во првите два натпревара во квалификациите оваа година не очекуваат два тешки натпревари против Белгија. Данците играат сличен фудбал како Белгијците и овој меч ќе биде можност да видиме по неколку месечна пауза до каде сме со формата, истакна селекторот на македонската фудбалска репрезентација Чедомир Јаневски на денешната прес-конференција.
Според него проблем може да претставува тоа што неколку репрезентативци немаат настапи во првенствата со нивните клубови поради зимската пауза.
Јаневски за дуелот со Данска кој ќе се одигра на 6 февруари во Скопје со почеток од 19 часот и 30 минути, повика 21 фудбалер.
Голмани: Мартин Богатинов и Томе Пачовски.
Одбрана: Александар Тодоровски, Бобан Грнчаров, Стефан Ристовски, Николче Новески, Бојан Марковски, Александар Лазевски и Даниел Мојсов.
Среден ред: Мухамед Демири, Остоја Стјепановиќ, Дарко Тасевски, Предраг Ранѓеловиќ, Дејан Блажевски и Никола Глигоров.
Напад: Иван Тричковски, Горан Пандев, Мирко Ивановски, Агим Ибраими, Александар Трајковски и Адис Јаховиќ.
Македонскиот селектор не можеше да смета на повредените Ферхан Хасани, Ванче Шиков и Даниел Георгиевски.