„Јагуар“ на претстојниот авто-салон во Франкфурт ќе ги обелодени плановите за лансирање на два нови модели од пониските автомобилски сегменти во однос на актуелната гама.
Според британските медиуми, еден од двата базични модела за кои се зборува е веќе најавената лимузина, што претставува наследник на „Jaguar X Type“ и идниот ривал на „Ц“ класата на „Мерцедес“ и на „БМВ“ Серија „3“.
Вториот автомобил спаѓа во сегментот кросовер возила и ќе биде поставен на истата алуминиумска платформа како и компактниот седан на „Јагуар“.
Двата модела треба да бидат претставени во втората половина на 2015 година, а ќе се произведуваат во фабриката на „Ланд Ровер“ во градот Солихал во Англија.
Прототипот на идната компактна лимузина на „Јаугуар“, што според некои најави може да ја добие ознаката XS, веќе е фотографиран во текот на тестирањето на Нирбургринг.
Што се однесува до погонските единици, опцијата вклучува бензински мотори како што се 2.0-литарскиот турбо со 240 кс и 3.0-литарскиот В6 со компресор што развива 340 кс.
Во понудата ќе може да се најдат и 2.2-литарскиот четирицилиндричен дизел со 163 кс и 200 кс, како и 3.0-литарскиот В6 дизел агрегат со 241 кс.
Одлуката за развојот на нови, компактни модели на „Јагуар“ е резултат на проценката на раководството дека овој производител може да земе дел од колачот на пазарот на нешто поевтините премиум автомобили, како што тоа му појде од рака токму на „Ланд Ровер“ со моделите „Фриландер“ и „Ренџ Ровер“.
Сопственикот на „Јагуар“, индиската компанија „ Тата Моторс“ сака да ја зголеми продажбата на возилата на славната британска марка, откако во 2012 година пласманот на овие автомобили сочинуваа само 20 отсто од сите испораки на групацијата „Јагуар – Ланд Ровер“. За таа цел , компанијата веќе најави дека во следните четири години ќе инвестира по 2,75 милијарди фунти (околу 3,2 милијарди евра) годишно во развојот на нови модели и проширување на производните капацитети.