„Јагуар Ленд Ровер“ (ЈЛР) е заинтересиран да стане сопственик на легендарната британска патека Силверстон, пишува „Бирмингем Пост“. Истиот извор наведува дека компанијата за оваа трансакција е подготвена да издвои 22,7 милиони фунти.
Доколку се постигне договор за купување ЈЛР планира да вложи повеќе милиони фунти во натамошниот развој и унапредување на патеката, пишува британскиот весник.
Компанијата сака да го прошири асортиманот на услуги и соддржини во рамки на комплексот Силверстон, што ќе и донесе дополнителна заработка.
Предвиден е нов продажен објект, со ангажирање на стручњаци за маркетинг, како и изгработка на центар за посетители и хотел со пет ѕвездички што ќе има 200 соби.
На патеката што е домаќин на трката за Големата награда на Велика Британија, ЈЛР има намера да отвори и музеј на класични тркачки автомобили од историјата на овој производител.
Извор близок на компанијата открива дека ЈЛР веќе подолго време е заинтересиран за купувањето на патеката Силверстон, но дека конечниот договор за продажбата се уште не е постигнат.
Доколку стане сопственик на патеката „Јагуар Ленд Ровер“ планира да ја користи и како тест-полигон за своите идни модели.