Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, изјави дека девојчињата и момчињата од Русија треба да играат фудбал во Европа.
Шефот на светската фудбалска организација денеска изјави дека ФИФА треба да ја укине забраната за Русија од меѓународни натпреварувања.
ФИФА ѝ забрани на Русија учество на меѓународни фудбалски турнири веднаш по инвазијата на земјата во Украина во зимата 2022 година. Таа забрана е сè уште на сила, иако на младинските тимови им е дозволено да се натпреваруваат од 2023 година.
„Мораме“, рече Инфантино во интервју за Скај њуз кога беше прашан дали би размислил за укинување на забраната, а потоа додаде: „Јас сум против забраните, како и против бојкотите“, нагласувајќи дека тие само „создаваат повеќе омраза“.
Тој истакна дека испраќањето „девојчиња и момчиња од Русија“ на фудбалски турнири низ Европа би било позитивна порака.
Инфантино одржува блиски односи со претседателот на САД, Доналд Трамп, на кого му ја додели нововоспоставената награда за мир на ФИФА во декември.
Наградата во голема мера се смета за симболична од јавноста, откако Трамп не ја доби Нобеловата награда за мир, и покрај силната кампања во негова корист.
САД, заедно со Мексико и Канада, ќе бидат домаќини на Светското првенство ова лето, а во одредени политички и општествени кругови имаше повици за бојкот поради надворешната политика на администрацијата на Трамп.
Многумина веруваат дека овие помирувачки изјави на сметка на Русија и промената на односите со таа земја доаѓаат токму под влијанието на Трамп врз Инфантино.
Русија беше домаќин на Светското првенство во фудбал во 2018 година.