Италијанското дизајнерско студио, кое обликуваше бројни модели на „Ферари“, „Масерати“, „Алфа Ромео“ и на други производители на автомобили, до крајот на декември треба да премине во раце на индиската групација „Махиндра“, пишува сајтот „Automotive News“.
Разговорите меѓу раководствата на двете компании и доверителите на кои „Пинифарина“ им должи пари траат веќе некое време. Дизајнерското студио е основано во 1930 година и во последните десетина години се наоѓа во финансиска криза заради што бројот на вработени е преполовен во однос на 2006 година.
Од последните 11 години, во 10 оваа компанија работела со загуби, а во 2012 година инвеститорот „Pincar“, што ја контролираше фирмата, 76 отсто од акциите им ги препушти на банките како гаранција дека долгот ќе биде вратен. Овие банки сега треба да го одобрат договорот за купување меѓу „Махиндра“ и „Пининфарина“.
Доколку стане сопственик на италијанското дизајнерско студио, индиската групација планира во „Пининфарина“ да вложи 164 милиони долари, од кои дел ќе отифат за санација на долгот, додека остатокот ќе биде инвестиран во нови зделки.
Една од причините зошто „Пининфарина“ дојде во ваква незавидна ситуација лежи во тоа што производителите на автомобили се повеќе се потпираат на сопствените дизајнери место да ангажираат дизајнерски фирми од страна.
Во својата 85 години долга историја „Пининфарина“ обликуваше автомобили за „ФИАТ“, „Алфа Ромео“, „Кадилак“, „Пежо“, „Волво“… Сепак, најпозната е соработката со „Ферари„ чии бројни модели од 1950-тите фодини на минатиот век до денеска го носат знакот на оваа дизајнерска куќа.