Дека фабричка грешка може да му се протне и на произведувачот на автомобили што чини приближно милион долари, покажува примерот на „Порше 918 Спајдер“, каде се откриени проблеми со сигурносните ремени.
„Порше“ соопшти дека од пазарот во САД привремено ќе ги повлече сите примероци од овој суперспортски модел, со цел да се елиминираат грешките направени при инсталирање на сигурностните ремени. Имено, утврдено е дека шрафовите што ги фиксираат ремените не се правилно поставени. Поради тоа можно е, во случај на евентуална несреќа, функционирањето на ременот да биде доведено во прашање.
„Порше“ соопшти дека превентивно на вонреден сервис ќе ги повика сопствениците на сите автомобили на американскиот пазар иако веројатно е дека со проблемот се опфатени само примероците што се произведени порано.
Ова не е првпат купувачите на „Порше 918 Спајдер“ да се соочат со отповикување на моделот, со оглед на тоа дека компанијата и порано мораше да издава соопштенија за повлекување заради други недостатоци. Така во септември 2014 година „Порше“ оповика пет возила заради можен сериски дефект на задната осовина.
Во декември истата година компанијата беше принудена да повлече дури 205 примероци заради замена на „неисправните конструктивни делови“, додека новото отповикување следеше во мај 2015 година за поправка на грешката во производство на електричната инсталација на вентилаторот на ладилникот што некогаш можеше да биде оштетена од карбонските компоненти.