Машката сениорска репрезентациија на Македонија е одново заедно. Во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, каде ќе биде „базата“ на нашиот национален тим во наредните денови, селекторот Марјан Илиевски и неговите асистенти Борче Даскаловски и Мирко Петрески, ги дочекаа кошаркарите на кои ќе смета за она што следува во оваа работна седмица.
Натпреварите од групната фаза од претквалификациите за Евробаскетот 2029 година.
„Она што било, тоа ќе го оставиме во минатото. Вратите се отворени за сите кои се на располагање. Оние кои играа летоска го дадоа својот максимум, можеби и над максимумот.
Надополнети сме со играчи кои се поискусни, што не значи дека многу работи се менуваат, но значи дека играчите кои имаат „носено“ поинакви мечеви се присутни тука и сигурно ќе бидат од значење, не потценувајќи никого што беше тука за време на летото, бидејќи нивното време доаѓа“ – потсети селекторот на првата прозивка околу ноемврискиот ростер.
Говори и за противниците во првиот кваалификациски циклус за пласман на Евробаскетот во 2029 година, прво Азербејџан, на 27.ноември, во Скопје, потоа на 30.ноември, со Ирска во Даблин…
„Азербејџан и Ирска… Не постојат држави кои не играат кошарка. Да не ги кажуваме предвреме нашите очекувања, секој пат ќе биде тоа, да дадеме 100% од себе и да се победат мечевите.
Но, не сакам никој да не сфати здраво за готово, и дека за три дена ќе видиме нешто ново, иако тоа се играчи што играле долго време во репрезентацијата. Овие три дена кои ги имаме на располагање ќе ја воиграме нашата замисла и играчите да одговорат максимално што можат
Азербејџан, од она што го имаме како информација, е тоа дека го мениуваат странскиот играч. Претходно имаа центар, сега имаат плејмејкер. Се работи за играч кој низ клубовите бил меѓу носителите, па сигурно е дека ќе се промени нивната тактика на терен затоа што имаат носител-играч на друга позиција.
И останатите играчи им настапуваат, но не оставаат некаква конкретна и јасна слика, секој меч им е различен од другиот. Некој меч се длабоко во негатива, некои мечеви се близу до победа, така што ќе говориме по мечот“.
Во овој ноемвриски ФИБА „прозорец“ селекторот Марјан Илиевски ќе има на располагање уште еден натурализиран играч. Освен Џејкоб Вајли, за место во тимот ќе конкурира и играчот н шпанската Валенсија, Омари Мур.
„Вајли е со тимот, Мур доаѓа во среда, а Сестина е повреден и ќе отсуствува два месеци. Имаме на располагање двајца натурализирани играчи и ќе одлучиме кој ќе игра. Двајцата ќе бидат тука и по она кое ќе го увидиме, ќе ги распоредиме.
Андреј Јакимовски е исто така присутен тука, сигурно ни значи многу како македонски играч и играч кој веќе има одлична минутажа во својот клуб. Игра во квалитетна лига, се работи за европски систем во последните месеци и ќе биде од огромно значење“- смета Илиевски пред првиот тренинг закажан вечерва од 18.30 часот, во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.
