Македонскиот водач се најде на најниското скалило на подиумот на бисерот на италијанските ридски трки.
Македонската спортска гордост, европскиот шампион во автомобилизам, Игор Стефановски – Иџе го преживеа „манхајмот“ на најтешката европска патека, импозантната, 18 километри долга Тренто-Бондоне освојувајќи го третото место во групата Н на седмата трка од Европскиот шампионат на ридски патеки. На супер тешката патека, тоа беше и максимумот што можеше Иџе да го оствари завршувајќи го единственото возење со време од 11:23.32 минути. Побрзи од него беа домашните возачи Армин Хафнер (11:17.98) и О Плеј (11:18.37) обајцата со исто возило како Стефановски – Mitsubishi Lancer Evo IX.
Нашиот ас имаше најдобро време на минување до речиси половина од патеката, но непознавањето на предолгата, 18 километри патека, го зема данокот во вториот дел. Дополнително, неколку свиоци пред целта, Иџе го стигна возачот кој стартуваше пред него и загуби две до три секунди од времето.
Сепак, она што е мошне значајно за него е дека домашните возачи со моќните WRC возила ги преслушаа странците во групата А во која се натпреварува неговиот најголем конкурент во генералниот пласман, Чехот Јаромир Мали кој заврши дури како петти во групата. Со тоа, Иџе ја зголеми разликата во генералниот пласман за уште пет бода и таа сега изнесува 19 поени.
Без разлика на резултатот, Иџе е мошне импресиониран од трката во Италија за која вели дека ја има најсилната конкуренција од сите трки кои ги возел досега.
– Ова е култна патека во Италија и е трка за престиж. На неа учествуваат буквално сите кои нешто значат во италијанските ридски трки. Стартната листа со 230 учесници беше импресивна, а згора на тоа како загревање за главната трка имаше стотици возила Ферари, Ламборгини, Порше, вистински рај за гледање. Толку многу шлепери и тимови на едно место досега не сум видел. Задоволен сум од пласманот, навистина ова беше максимум. Дури и домашните возачи ми честитаа на постигнатото време што на ваква долга патека бев само пет секунди зад Хафнер и Плеј, иако патеката ја возев само два пати. Во текот на саботниот тренинг, имав проблем со диференцијалот, па го пропуштив второто возење. Потоа работевме цела ноќ за да го оспособиме возилото за неделната трка – изјави Иџе.
Тој нагласи дека должината, бројот на свиоците, но и високата температура влијаеја на конечниот пласман:
– Возењето беше вистински хорор. Не беа проблем само 18-те километри, туку и 180-те свиоци, 40-тината “лактови, а температурата беше околу 40 степени. Буквално се прегреа, и гуми и сопирачки и водата и маслото… Кога стигнав на целта се под хаубата беше вжештено. Се чудам како возилото воопшто и издржа до крај. Ова беше голем предизвик и вистински тест и за мене како возач, но и за возилото.
Инаку неприкосновениот европски шампион во категорија 2, Симоне Фаџиоли со неогивот прототип Норма М20 и овде ја оправда својата репутација на најдобар ридски возач на денешницата. Тој ја растури целата домашна елита со импресивна разлика од дури 38, односно 40 секунди пред второпласираниот Доменико Скола и третопласираниот Кристијано Мерли, кои возеа прототип Осела.