Македонскиот автомобилист ќе мора да биде подобар од целокупнта елита на Словачка ако сака да ја задржи предноста пред Чешкиот двоец Јаромир Мали и Јири Лос
Најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски – Иџе, викендов во Словачка, ќе настапи на осмата трка од Европското првенство на ридски патеки. Водечкиот во генералниот пласман ја „преживеа“ неправдата во Португалија кога наместо првото место поради грешка на организаторот заврши на третата позиција, се извлече од блиската средба со банкината во Чешка и победи со расипан мотор во Полска, а на патеката Добшинки Копец ќе мора да излезе на крај со целата словачка елита која ќе се обиде да им помогне на поранешните сонародници Чесите Јаромир Мали и Јири Лос.
– За разлика од минатите трки, малку е чудно што овојпат, во Словачка сите натпреварувачи во групата Н се пријавени и за Европското првенство. Тоа не е случај и со групата А каде што вози Мали, но се надевам дека не се работи за некое “чешко-словачко пријателство“ – вели популарниот Иџе.
– Спецификата на ЕП на ридски патеки е што на секоја патека против себе ги имате најдобрите локални автомобилисти кои возат само на таа трка и не ви се конкуренција во генералниот пласман, но морате да ги победите на домашен терен. Така беше во Италија, во Полска, во Австрија, а така ќе биде и сега, во Словачка. Не е спорно дека сме побрзи од конкуренцијата во нашата група – Лос, Бенеш и останатите Чеси, но конкурентот од групата А, Јаромир Мали е доминантен во својата класа и освојува максимален број бодови. Затоа морам да сум подобар од локалните возачи кои секогаш се најсилни токму на својата патека. Сега ќе биде уште потешко затоа што Словаците скоро никогаш не губат пред домашна публика – додаде Стефановски.
Патеката во Словачка е долга 6.810 и е непозната за нашиот ас. Ќе се возат две трки, а пријавени се 150 учесници. Во групата Н пријавени се 12 возачи, од кои 11 се со исто возило (Mitsubishi Lancer Evo IX) како Стефановски. Скоро сите Чеси и Словаци кои ќе возат за своите национални шампионати се пријавени и за бодување во Европскиот шампионат.
– Патеката нема некои посебни особености и малку делува монотоно. Многу е брза, има големи правци каде што се вози под полн гас. Ќе треба добро да се проучат тие правци и да се најде каде е “реперот“ за кочење – додаде Стефановски.
Тој веќе следната недела ќе настапи во Германија, по што ќе се кристализира ситуацијата во битката за титулата. Иџе води во генералниот пласман со 143 бода,пред Јаромир Мали со 100, и Јири Лос со 94 поени.
– Една недела по Словачка следи Германија. Повторно имаме “пакет“ од две трки во две недели. Токму овие две ги сметам за клучни на патот до Европската титула. Кога ќе се вратиме од Германија веќе би требало да имаме јасна ситуација уште колку ќе ни треба за да ја оствариме големата цел и Македонија да добие Европски шампион – вели Иџе.