Европскиот шампион на ридски патеки ќе се обиде втора година по ред да триумфира во земјата на „триколорите“.
Најдобриот македонски автомобилист и европски шампион на ридски патеки, Игор Стефановски – Иџе во француското градче Сент Жан ду Гард ќе ја почне одбраната на европскиот трон. Викендов на програмата е првата трка од Европското првенство на ридски патеки, а најдобриот македонски спортист за минатата година ќе се најде пред уште поголем предизвик бидејќи многу е потешко да се одбрани трофејот отколку да стигне до него.
Противниците веќе се свесни за квалитетот и можностите на Иџе и на неговото Mitsubishi Lancer EVO IX и ќе сторат се да го сопрат неговиот победнички од на Стариот континент. Предноста на македонскиот возач е што оваа година не оди на „слепо“ и ја познава патеката, која според неговите зборови е со просечна должина и е релативно тешка, а поради специфичниот асфалт е многу лизгава и возилото се однесува нестандардно во одредени свиоци.
– Генерално сме подготвени за новата сезона. Сега веќе сме далеку посвесни што не очекува, одиме во позната насока, што е позитивно, но, од друга страна е што ќе ја имаме врз себе тежината на освоената титула, фаворитскиот статус и дополнителниот притисок кој од тоа доаѓа – вели Иџе.
Трката ќе се вози на патеката од Сент Жан до врвот Кол Сент Пјер во должина од 5.280 метри. Предвидени се два саботни тренинзи и три возења во неделата, а за вкупниот пласман ќе се смета збирот од двете најдобри неделни возења.
Ова е 43-то издание на оваа трка, а освен за Европскиот, ќе се бодува и за домашниот шампионат на ридски патеки. Бидејќи домашните автомобилисти возат за својот национален шампионат по малку помодификувани правила, различни од оние на ФИА за Европскиот шампионат, тие не се бодуваат за ЕП.
Оттука и стартната листа на учесници кај автомобилите е нешто помала од вообичаено. Во неговата група Н, на Иџе освен познатите противници од лани, чешкото дуо, Лос и Јерман, друштво ќе му прават уште и европскиот шампион од 2013 година, Хрватот Мухвиќ и младиот Србин Миљковиќ.
– Имаше најави за некои нови возачи во шампионатот, како од Балканот така и од други земји, и во мојата и во групата А. Ќе видиме кој како се подготвил на првата трка. Секако, ние сме фокусирани на нашиот настап, стандардно, како и секогаш одиме на триумф и да ја почнеме сезоната со победа во Франција – оптимистички најави Стефановски.
Според правилата, бодувањето во генералниот пласман се врши според пласманот во одделните групи, односно победникот во секоја група добива 25 бода, второпласираниот 18 итн.