По најавите дека има намера да влезе во автомобилскиот сегмент на премиум возила, корејскиот производител „Хјундаи“ откри дека неговата луксузна марка ќе се нарекува според еден од неговите модели – „Џенесис“.
„Хјундаи“ денеска соопшти дека го почнува производството на глобалниот премиум бренд за да ја зголеми заработката по продаден автомобил и вкупниот профит, пренесуваат британските медиуми.
Веста пристигнува откако петтиот најголем светски производител на автомобили седми пат по ред забележа квартален пад на профитот.
„Хјундаи“ досега во светот беше познат по пристапните возила од пониска и средна класа, а со најновата генерација на лимузината „Џенесис“ ќе го поплочи патот кон идните премиум модели.
На овој начин, по моделот „Лексус“ (во сопственост на „Тојота“), „Инфинити“ (премиум марката на „Нисан“) и „Акура“ (што е во посед на „Хонда“) уште еден азиски производител на автомобили ќе има луксузен бренд со кој на глобалниот пазар ќе и се спротивстави на големата германска тројка – „Мерцедес“, „БМВ“ и „Ауди“.
Стручњаците сметаат дека „Хјундаи“ во старт има предност бидејќи името „Џенесис“ веќе е препознаено на пазарот по својот квалитет и истоимена лимузина, додека брендовите како „Акура“ или „Инфинити“ мораа да тргнат од нула.