Германката Марија Хефл-Риш е победничка на денешната трка во дисциплината суперкомбинација која се возеше на Светското првенство во алпско скијање во Шладминг, Австрија. Таа до златниот медал стигна со вкупно време од 2:39,92.
Во спустот кој се возеше претпладне победничката беше петта, додека во попладневниот слалом успеа да го надомести заостанувањето од 20 стотинки кое го имаше зад водечките Тина Мазе и Ана Фенингер.
Токму Мазе (Словенија) го освои вториот медал на Светското првенство, откако попладнево суперкомбинацијата ја заврши на второто место.
На златото од супервелеслаломот Словенката не успеа да го додаде и денешното. Таа не ја искористи предноста што ја имаше од спустот, како и тоа што нејзиниот тренер Ливио Магони ги постави капиите во слаломот. Утеха за Мазе е сребрениот медал до кој дојде со заостанување од 46 стотинки зад победничката.
На подиумот се искачи и третопласираната Никол Хосп (Австрија) освојувајќи го бронзениот медал со вкупно време по двете трки од 2:40,92.