Готово: Го нема повеќе Конор Мекгрегор во УФЦ

Од:

Ирската ММА ѕвезда Конор Мекгрегор и официјално повеќе не е дел од боречката листа на UFC, откако на 14 август (четврток) неговото име беше отстрането од списокот на борци со активен договор со елитната организација.

Слободно може да се каже дека ова е крај на една ера, бидејќи Конор беше еден од ретките спортисти во модерното време кој во еден момент беше поголем од спортот со кој се занимаваше.

Популарниот „Notorious“ или „Mystic Mac“ ги доби овие прекари поради неговата способност да го предвиди исходот на своите борби и со арогантен настап да влезе во умот на противникот.

Сега има 37 години и не се има борено од 2021 година, откако по вторпат по ред загуби од Дастин Порије, при што ја скрши ногата за време на мечот.

Во кариерата оствари 22 победи и 6 порази, а покрај Порије, во UFC загуби и од Хабиб Нурмагомедов и Нејт Дијаз.

Мекгрегор останува запаметен како првиот борец со два шампионски појаси (во две различни категории) истовремено, но и како единствениот борец во историјата на UFC кој никогаш не го бранел својот појас.

Неговите настапи во помалку познати промоции, како Cage Warriors и локалните организации, ја создадоа неговата „аура“ и го изградија како борец со арогантен и победнички менталитет.

Со помош на одличниот тренер Џон Кавана, стана мајстор за нокаути, икона на трпеливите борци и човек со челична волја и неверојатна способност за адаптација, а дополнително имаше и умешност да ги „предвиди“ исходите на своите мечеви.

Во UFC пристигна во 2013 година и веднаш нанижа победи со нокаут над Бримеџ, Холовеј, Брандао, Порије и Сивер, а потоа следуваа неверојатните триумфи над Мендез и Алдо.

Има и боксувачки егзибициски меч против Флојд Мејведер, кој го следеше целиот свет.

Беше суспендиран по борбата со Хабиб, поради силни расправии и тензии, кои кулминираа со масовна тепачка меѓу двата тима, по што UFC беше принуден да го казни него, но и рускиот борец.

Во последните години, Мекгрегор често беше тема на таблоидите поради недолично однесување, прекумерна консумација на алкохол и дрога, како и обвиненија за сексуално насилство.

Конор останува запаметен како еден од највлијателните борци на своето време и човекот кој го стави ММА спортот на светската мапа – нешто што никој никогаш нема да му го одземе.

Сепак, треба да се напомене дека Конор Мекгрегор не се има официјално повлечено од спортот, а вреди да се потсетиме дека и минатиот пат брзо се врати од „пензија“.

Некои сметаат дека за него не важат истите правила за тестирање на недозволени супстанци како за останатите спортисти, па затоа не треба да се исклучи неговото враќање.

Првиот човек на UFC, Дејна Вајт, кој повеќепати јавно му дал поддршка на Конор, изјави дека Мекгрегор вредно тренира речиси секој ден.

„Ако следевте, Конор објавува видеа од тренинзи и повторно е вклучен во антидопинг протоколот. Тој сака борба во Белата куќа. Слушајте, ако решил да се врати во форма и да се држи до тренинзите, тогаш тоа дефинитивно е меч кој го посакува. Постојано ми кажува дека сака да се бори таму. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите во следните месеци,“ изјави Вајт во подкастот „Pardon My Take“.

Би можело да ве интересира

Кривична пријава против седум лица поради „местење“ на фудбалскиот натпревар ФК „Кожуф“- ФК „Башкими“, едно лице лишено од слобода

Грилиш претставен во новиот клуб, го избра бројот на легендите

Полјаците направија хаос во Белград: Скршени излози, полицијата приведува хулигани

Легендарната Моника Селеш боледува од ретка болест, таа првпат проговори за тоа

Лукман поднесе барање за трансфер од Аталанта

Две велосипедистки полесно повредени при финишот на трката во Куманово