Претседателот на фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски по добивањето на организацијата на УЕФА Суперкупот рече дека ФФМ станува чувар на националниот идентитет.
– Скопје е првиот град во регионот кој добива организација на вакво престижно фудбалско натпреварување, што претставува голема чест, но и голема одговорност. Суперкупот е настан кој ќе биде голем импулс и мотивација за развој на фудбалот во нашата земја и секако во регионот, а воедно и одлична можност Македонија да се промовира и афирмира пред светската јавност. Со добивањето доверба да бидеме домаќини на настанот кој го следат милиони луѓе ширум светот, нашата организација станува чувар на националниот идентитет и горди сме што УЕФА ја препозна нашата посветеност за фудбалот и подготвеноста да бидеме одлични организатори на големиот спортски настан, истакна Ѓорѓиоски,
Тој се осврна и на поднесената кандидатура за на ФФМ за Евро 2020, како единствена земја од поранешните Ју-републики која изрази желба да биде домаќин на голем спортски настан.
– ФФМ ја истакнува важната улога на градот Скопје и Владините институции во градењето на организациските одговори при соочувањето со предизвиците од кандидатурата, а со добиената доверба да го огранизираме Европскиот Суперкуп, Фудбалска федерација на Македонија потврди колку сериозен беше проектот да бидеме еден од домаќините на Европското првенство 2020 година. За нашата кандидатура имавме апсолутен консензус и максимална поддршка од градот Скопје, Владата и државните институции. Во нив успеавме да пронајдеме партнер кој сака да учествува во еден од најголемите настани во самостојна Македонија, настан кој ќе донесе бројни краткорочни и долгорочни користи за нашата земја, за економијата и нашиот фудбал, вели Ѓорѓиоски.