Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски им го честита успехот и пласманот на Европското првенство на репрезентацијата до 21 година истакнувајќи дека ФФМ како и досега ќе ги обезбеди сите услови и ќе вложи максимален труд да се задржи нужното заедништво.
– Среќен сум, прекрасно е да се видат полни трибини, одлична атмосфера и радост после постигнатиот успех. Им честитам на селекторот Благоја Милевски, стручниот штаб во репрезентацијата и фудбалерите. Оваа репрезентација е пример како може да се стигне до успех во македонскиот фудбал. Ги заслужуваат сите пофалби за историскиот резултат. Фудбалерите покажаа дека знаат, можат и посакуваат победа, видовме дека имаат талент, но и карактер да се носат со тешки противници и ситуации, изјави Ѓорѓиоски.
Привилегија за секого е да се биде на големо натпреварување, од домаќинот на репрезентацијата преку играчите и селекторот. Ќе сториме се да бидеме квалитетни во Полска на Европското првенство – ФФМ како и досега ќе ги обезбеди сите услови. Ќе вложиме максимален труд и напор да го задржиме нужното заедништво, додаде првиот човек на ФФМ.
Ѓорѓиоски посочи дека пласманот на Европското првенство е остварување на сонот на оваа генерација.
– Стигнаа таму каде што им е местото и благодарност до сите кои даваа поддршка. Ја вративме насмевката на лицата на навивачите и драго ни е поради тоа. Бидете горди, потенцира претседателот на федерацијата.
Македонија обезбеди пласман на Европското првенство 2017 во фудбал за фудбалери до 21 година што ќе се игра во Полска.