Фудбалскиот интернационалец Жозе Едмилсон догодина ќе подучува млади фудбалери во Гостивар на повеќедневен камп. Бразилецот со импозантна фудбалска кариера својата намера ја обелодени при неговата посета на Гостивар.
Едмилсон со соработниците од неговата фондација денеска беа примени од гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари.
Поранешниот бразилски репрезентативец и играч на Барселона и Олимпик Лион напомена дека идните фудбалери освен на фудбалската игра ќе ги подучува и на човечките вредности.
– Не се титулите најважното нешто за еден фудбалер, туку да се биде добар човек и добар граѓанин. Преку нашиот камп токму такви вредности ќе промовираме. Сакаме да ги научиме децата на суштината, а таа не е; трчај и шутирај ја топката, што е суштината на фудбалот. Сакаме преку фудбалот да ги научат важните вредности кои остануваат за цел живот: истрајноста, стремеж кон напредок да развиваш креативност. Мојата фондација ќе им помогне на талентираните да ги развиваат нивните кариери и во познати светски клубови, рече Едмилсон на прес-конференција.
Градоначалникот Таравари искажа благодарност на укажаната чест на една фудбалска ѕвезда од овој ранг да дојде во Гостивар и напомена дека локаланта самоуправа ќе го поддржи одржувањето на кампот.
Летната школа е предвидено да се одржи во јуни идната година и ќе може да се пријават фудбалски таленти од градот, но и од цела Македонија
Таравари на фудбалскиот ас му го врачи „клучот на градот“ а за возварт доби дрес на ФК Барселона со бројот 15 во кој настапувал.
Едмилсон имаше средба и со членовите на фудбалските школи на градскиот стадион и покажа дел од неговите вештини.
Фудбалскиот ас во кариерата го има освоено Светскиот куп со репрезентацијата на Бразил во 2002 година, а со Браселона ја осовои Лигата на шампиони во 2006 година. Бил дел од составите со кои осовоил две шпански првенства и три француски. Едмилсон е во „фудбалска пензија“ веќе шест години и преку неговата фондација во повеќе земји работи на пренесување на знаењата.