Класичниот тркачки автомобил „Мерцедес-Бенц W196“ од 1954 година, со кој управувал легендарниот возач на Формула 1, Аргентинецот Хуан Мануел Фанџо, е продаден на аукција во Англија за 19,6 милиони фунти (22,7 милиони евра).
Петкратниот светски шампион во Формула 1 со овој автомобил во 1954 година ја освои својата втора титула, остварувајќи победи на Големата награда на Германија и Големата награда на Швајцарија, откако во текот на сезоната од „Масерати“ преминал во „Мерцедес“.
Станува збор за возило со број на шасијата 00006/54 што е опремено со 2.5-литарски осумцилиндричен мотор.
Роберт Брукс, претседател на аукциската куќа Бонхамс, што ја организирала лицитацијата, изјави дека „Мерцедесот“ на Фанџо е најзначајниот тркачки автомобил во историјата што е продаден на аукција.
„Мерцедесот“ му е продаден на анонимен купувач, кој лицитирал преку телефон.
На аукцијата, одржана во Гудвуд, на југот на Англија, во текот на манифестацијата „Goodwood Festival of Speed“, продаден е и „Феррари 330ГТ“ од 1965 година, чиј прв сопственик бил членот на групата „Битлси“, Џон Ленон.
Овој автомобил својот нов сопственик го чинеше 359.900 фунти (416.000 евра).