Најдобриот македонски автомобилист ИгорСтефановски- Иџе третата победа во Европскиот шампионат на ридски патеки ја прослави со рекорд на патеката Субида ал Фито во Шпанија. Тој растојанието од 5,3 километри ги мина со времиња од 3.03.150, 3.03.275 и 3.04.791 минути, а со времето од првата трка и со збирот на двете најдобри возења го сруши рекордот на патеката во групата Н.
– Многу сум горд и задоволен од постигнатот резултат и од времињата во трите возења, но и затоа што го соборив рекордот на патеката за автомобили од групата Н и во поединечно и во збиротo возењe. Случајно или не, досегашниот рекорд го држеше Словакот Петер Јурена од кого и го набавивме нашето возило. Со постигнатиот резултат практично ги поместив границите на самото возило и тоа на една неверојатно тешка и опасна патека – изјави Стефановски.
Трката се карактеризираше со многу судари, излетувања, а во третиот настап голем инцидент имаше и најдобриот европски возач на ридски патеки Симоне Фаџиоли со неговиот болид.Сепак, според зобровите на популарниот Иџе патеката едноставно “му легнала“ и одлично го прилагодил стилот на возење на специфичностите на патеката.
– Уживав во сите возења на Субида ал Фито затоа што патеката навистина го извлече најдоброто од мене. Организацијата беше перфектна, можеби најдобра од сите трки оваа сезона. Имавме голема поддршкаод публиката и импресиониран сум од тоа како во овој дел од Европа се доживуваат ридските трки и колку веќе почнаа да не респектираат. Инаку, една од националните телевизии која ќе емитува снимка од трките го одбра моето возило меѓу неколкуте во кои монтираше “он борд“ камери – вели македонскиот автомобилист.
Доминацијата на Стефановски во изминатите четири трки од ЕП во ридски патеки и поставениот рекорд доведоа до трето полувреме на трката во Шпанија.
– По трката жирито и техничката комисија решија да направат вонреден технички преглед на моето возило. Ми направија комплетна проверка дали возилото одговара на правилата на ФИА за групата Н која беше до толку детална што го мереа дури и одот на клиповите, кубатурата на моторот и дијаметарот на цилиндрите.Секако, целата ситуација со проверката беше малку нервозна и напната за нас, но се излезе чисто и по една ваква проверка добивме респект од конкурентите бидејќи резултатите се чисти и не се должат на неспортски елементи – додаде Иџе.