Тимот на Форс Индија се одлучи за целосна визуелна промена на болидот во пресрет на првата трка од овогодинешната сезона, во согласност со нивниот нов главен спонзор.
Индискиот Ф1 тим во последните години добро се држи во елитното автомобилистичко натпреварување и покрај скромниот буџет. Серхио Перез минатата сезона заврши меѓу првите тројца во Монако и Азарбејџан, а тимот на крајот заврши на четвртото место во поредокот по констуктори.
Во пресрет на новата сезона тие имаат право на оптимизам, бидејќи новиот мотор кој што го користат од Мерцедес повторно е меѓу најдобрите.
А стабилноста на тимот и оптимизмот пред новата сезона доведе до добивање на нов главен спонзор, фирмата BWT, приузведувач на вода и уреди поврзани за користење на вода.
Една од последиците од оваа соработка е и радикалната промена на изгледот на болидот, од комбинацијата на сребрено-црно-портокалова боја во нова светло розова боја.
„Ова е едно од нашите најважни партнерства во овие десет години колку што се натпреваруваме во Формула 1, а исто така е доказ колку далеку стигнавме“ изјави Виџеј Малаја, директорот на тимот.