Холандскиот возач на Ред Бул, Макс Верстапен (24) изјави оти не чувствува притисок кога е во прашање борбата за титулата во Формула 1 со актуелниот светски првак Луис Хамилтон.
На седум трки пред крајот на сезоната, Верстапен заостанува два бода зад Британецот Хамилтон, а следната трка е на програмата в недела за Големата награда на Турција на патеката во Истанбул.
– Многу сум релаксиран, но и фокусиран, бидејќи сакам да победувам. Ништо не може да ме принуди поради тоа да бидам под стрес, бидејќи и онака го давам најдоброто од себе, изјави Верстапен, додавајќи оти не размислува многу околу конечниот исход на крајот од сезоната.
– Доколку ја освојам титулата, тоа ќе биде голем успех. Впрочем за тоа и работиме. Но, дури и во случај ако завршам втор тоа ќе биде прекрасна сезона. На крајот од денот тоа ништо нема да промени во мојот живот. Уживам во тоа што го работам и мислам дека тоа е најважно и немам за што да се грижам, додаде Верстапен.