На градскиот базен во Крива Паланка активно се реализира пливачка школа која работи во рамки на првиот ватерполо клуб во градот „Крива Река“ што беше формиран неодамна.
– Клубот отпочна со активности од почетокот на месецот, интересот од страна на дечињата е голем, има почетници, непливачи и пливачи на возраст од шест до 15 години кои секојдневно ги посетуваат часовите по пливање на градскиот базен, изјави Бранко Манојловски, потпретседател на ВК „Крива Река“ и инструктор.
Со децата работи тричлен искусен инструкторски тим составен од спортските работници Бранко Манојловски, Мирослав Ивановски и Оливер Златковски, а ова е прва иницијатива за формирање ватерполо клуб во градот.
– Ефектите од пливањето се големи поради тоа што активноста се одвива во вода, положбата на телото е хоризонтална и растоварен е р’бетниот столб. Истовремено, ангажирани се и се јакнат сите мускулни групи, додаде Манојловски.
Претстедател на клубот е Боро Стефановски, а иницијативата има цел да се промовираат ватерполото и пливањето како базични спортови кои ги јакнат кардиоваскуларниот и белодробниот систем и имаат ефекти врз целокупното психо-физичко здравје на младата популација.
Базенот во Крива Паланка се полни со бунарска вода и се прочистува со постојната филтер-станица, а од ВК „Крива Река“ истакнаа дека работат и на изнаоѓање начини за затоплување на водата, како и на подобрување на условите за работа на базенот.