Одлуката на американската компанија „Форд“ шестата генерација од моделот „Мустанг“ официјално да им ја понуди и на купувачите во Европа, доведе до неочекувано добри продажни резултати во Германија.
Според официјалните податоци за продажбата на автомобилот на германскиот пазар, кој ги објави магазинот „Automotive News“, во последните 12 месеци во оваа земја се испорачани 6.000 примероци на „Форд Мустанг“, со што овој автомобил ги надмина домашните спортски фаворити, како „Порше 911“, „Ауди TT“ или „Порше Бокстер„ и „Порше Кајман“.
Од продадените 6.000 „Мустанзи“, третина се кабриолети, а голем број Германци не сакаа да прават компромис, па се одлучија и за најсилниот 5.9-литарски V8 мотор со 427 кс.
Кога во 2014 година ја лансираше актуелната верзија на својот легендарен модел, „Форд“ донесе одлука овој автомобил да го понуди на купувачите во 81 земја во светот, што не беше случај со претходните генерации.
За првпат се произведува и варијаната со волан на десната страна за пазарите во Велика Британија и Австралија, каде се вози на левата страна од коловозот. Од тие причини за повеќе од една година продадени се 27.000 „Мустанзи“ со управувач на десната страна.
Покрај одличните продажни резултати во Германија, „Форд“ соопшти дека „Мустанг“ моментално е најпродаван спортски автомобил во Обединетите Арапски Емирати, Јужна Африка и Саудиска Арабија.
Истовремено, во Кина се испорачани 3.300, а во Австгралија 3.800 „Мустанзи“ од најновата генерација.