Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ новиот кросовер „Таигун“ на пазарот се очекува да го објави во 2016 година, пишува магазинот „Аутобилд“.
Фолксваген концептот Таигун го претстави на Саемот на автомобили во Сао Паоло во 2012 година, а сега се појавија и нови детали за моделот што ќе се најде во сериско производство.
Според германскиот магазин „Аутобилд“ кросоверот на пазарот ќе се појави во 2016 година и ќе биде базиран или на моделот Голф или на моделот Ап. Како поверојатна опција изгледа моделот Ап бидејќи трошоците ќе бидат значително помали, а ќе биде отворен и простор за производство на кросовер базиран врз моделот Поло.
Таигун може да се очекува со три и четири цилиндарски мотори, стандарден погон на предните тркала и по можност погон на сите четири тркала. Неговата цена би требало да изнесува околу 15.000 евра, со што би бил за околу 5.000 евра поевтин од идната генерација на моделот Тигуан.