Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ во Волфсбург претстави електрична верзија на своето мало градско возило е-Ап, што ќе се произведува во Словачка.
Моделот е-Ап ќе може со едно полнење на батеријата да помине и до 150 километри.
На годишната конференција за инвеститори и медиуми, која се одржува во Волфсбург, „Фолксваген“ најпрво најави верзија на моделот Ап со хибриден погон, за потоа да изненади со презентирањето на електрична верзија на моделот.
Електричниот Ап ќе биде тежок 1.185 килограми, поради дополнителната маса на батеријата, аод стандардниот модел визуелно ќе се разликува според аголните дневни ЛЕД светла во облик на срп и специјалните 15 инчни алуминиумски фелни.
Фолксваген е-Ап е придвижуван од електромотор што континуирано ќе обезбедува 55 коњски сили, додека неговата максимална сила ќе изнесува 82 коњски сили. Автомобилот од 0 до 100 ќе забрзува за 14 секунди, а максималната брзина изнесува 135 километри на час.
Литиум-јонските батерии со капацитет од 18,7 килоВат часа ќе обезбедат автономија на движење од 150 километри. Од компанијата тврдат дека полнењето на батериите до ниво од 80 проценти ќе се врши за 30 минути.
Премиерата на моделот е закажана за на Саемот на автомобили во Франкфурт што ќе се одржи во септемри 2013 година.