Меѓународната организација која ги застапува правата на професионалните фудбалери (ФИФПРО), предупреди денеска дека згуснатиот натпреварувачки календар, честите патување и краткиот период меѓу две сезони сериозно влијае врз здравјето на играчите и нивните кариери.
Во извештајот во кој биле анкетирани 265 фудбалери од 44 национални лиги, во периодот од јуни 2018 до август 2021 година, се наведува дека бројот на таканаречени натпревар по натпревар се зголемил, а со тоа се зголемил и ризикот од повреди.
Поимот „натпревар по натпревар“ според дефинирањето на ФИФПРО, опфаќа настап од најмалку 45 минути со помалку од пет денови пауза меѓу два натпревари.
ФИФПРО наведува дека кога се во прашање фудбалерите, кои играат стандардно во своите репрезентации состојбата е уште полоша и оти 70 до 80 отсто од нив играат во ритам од два натпревари неделно.
ФИФПРО им предлага на националните федерации да воведат пауза од четири недели меѓу две сезони и двонеделна пауза на средина од сезоната. Исто така, се предлага и воведување задолжителна пауза за фудбалери по одреден број последователно одиграни натпревари.