ФИФА најавува ограничување на мандатот на претседателот

Од:

Светската фудбалска федерација (ФИФА) најави крупни реформи во својата организација и работа, само неколку денови по неочекуваното повлекување на Сеп Блатер, кој четири дена пред тоа беше одново избран за претседател.

Според претседателот на Комитетот за ревизија и усогласување на ФИФА, Доменико Скала, ќе бидат изменети досега „недопирливите“ прашања за мандатот на претседателот, како и за неговата плата.

Ограничувањето во рокот за тоа колку еден претседател на ФИФА може да остане на оваа функција, добива примарно значење, а прв пат ќе се соопштува и колкава е неговата плата, која досега раководството на фудбалската федерација ја криеше од јавноста, изјави Скала за Би-Би-Си.

Сеп Блатер е 17 години на претседателската функција, но тој е дури на третото место според должината на времето поминато на чело на ФИФА.

Во првиот бран од реформи, Скала ги споменува и проверките, што во иднина ќе се прават, за оние кои треба да ги предводат регионалните фудбалски федерации и асоцијации кои се дел од ФИФА. Досега такви проверки раководството во Цирих нема правено, па проверката на „подобноста“ на овие функционери им била препуштана само на регионалните фудбалски тела.

Ова не е првпат, ФИФА и нејзините функционери да најавуваат „темелни реформи“, да ги посочуваат и за нив да гласаат членовите на извршните органи на Федерацијата, но сите потоа, најчесто, остануваа само на хартија или пропаѓаа.

Сегашниве реформи кои се најавуваат од седиштето во Цирих доаѓаат во сосема различна ситуација од сите претходни, затоа што се појавуваат по бурните две недели што темелно ја потресоа ФИФА, откако избувна скандалот со корупцијата во врвовите на Федерацијата.

Американските правосудни власти обвинија 14 поранешни и сегашни функционери за поткуп, рекет и за перење пари преку американски банки, а седумина од нив, по налог на ФБИ, беа уапсени од швајцарската полиција во Цирих и сега чекаат екстрадиција во САД.

Сите се претседатели или високи функционери на федерации и асоцијации од земјите на Централна и Јужна Америка, како и од Карибите. Весникот „Њујорк Тајмс“, кој редовно добива информации од луѓе во истрагата, тврди дека се подготвува обвинение и за Сеп Блатер, но тој засега не е обвинет.
Преку овој весник Американецот Чак Блејзер, поранешен висок функциоенр на ФИФА, кој е еден од тројцата обвинети во САД за неплаќање данок, призна дека прифатил поткуп за да гласа за изборот на Јужна Африка за домаќин на Првенствто во 2010 година, како и дека не бил сам во тоа. Блејзер исто така прифатил да оди „озвучен“ на разговори и средби со своите колеги, што потоа и помогнало на полицијата да го заокружи кругот на осомничените и обвинетите функционери.

Најавите на Доменико Скала за првите од серијата крупни реформи во ФИФА, доаѓаат откако швајцарските весници открија дека и Блатер е влучен во овој процес, затоа што тој останува на функцијата додека не се избере негов наследник. За тоа е потребен вонреден Конгрес на ФИФА, а тој не ќе може да се состане пред крајот на оваа, или почетокот на идната година.

Британската Би-Би-Си открива и дека поранешниот потпретседател на ФИФА, Џек Ворден, кој по напуштањето на фудбалот се префрли во политиката на Тринидад и Тобаго од каде потекнува, изјавил оти е подготвен да зборува и да даде своја верзија за случувањата и обвинувањата кон Светслата фудбалска федерација.
Ворден е еден од обвинетите во операцијата на американските правосудни власти.

Би можело да ве интересира

ФИФА размислува за воведување „предизвици“, еве што значи тоа за играта

ФИФА воведува трет преоден рок

ФИФА го казни Мартинез суспензија од два натпревари поради „непристојно однесување“

ФИФА ја укина суспензијата на Партизан, „црно-белите“ можат да пријават нови играчи

Револуцијата на ВАР технологијата – се воведува правило од тенисот

Предраг Петровиќ

ФИФА воведува новост – што значи кога фудбалер ќе покаже „Х“

Предраг Петровиќ