Италијанскиот производител на автомобили ги демантираше наводите дека планира преселување на седиштето на компанијата од Торино во Детроит.
Веста дека компанијата ФИАТ би можела да се пресели во САД минатата недела ја објави Блумберг, повикувајќи се на извори блиски до извршниот директорна ФИАТ, Серџо Маркионе.
Една од клучните причини за ваквиот потег на раководството, пишува Блумберг, лежи во фактот дека Северна Америка е главен извор на приходи на италијанскиот производител, со оглед на фактот дека ФИАТ е мнозински сопственик на американскиот Крајслер.
Имено, 75 отсто од оперативниот профит остварен во 2012 година доаѓа токму од северноамериканскиот регион. ФИАТ во меѓувреме ги демантираше овие наводи. Во соопштение на компанијата се вели дека „тоа во моментов не е на дневен ред“.
Сепак, начинот на кој е формулирана официјалната изјава во основа може да значи дека преселувањето, ако не сега, сепак може да се случи во иднина. Гласините за селењето на ФИАТ во САД претходно се споменуваа и во италијанскиот печат.