Светската автомобилистичка федерација (ФИА) смета дека директорот на трката од Формула 1 шампионатот возена за Големата награда на Јапонија, Чарли Вајтинг не е одговорен за несреќата по која Жил Бјанки се здоби со тешки повреди.
– Одлуките донесени после несреќата на Сутил се во склад со правилата. Немаше потреба безбедносното возило да излегува на патеката, стои во извештајот на ФИА во кој вината за несреќата на Бјанки се бара во неговото пребрзо возење.
Според ФИА Бјанки не забавил доволно и поради тоа изгубил контрола на истото место каде пред него излета Сутил.
Имено, за време на трката на патеката „Сузука“ излета болидот на Сутил и покрај патеката интервенираше кран за да го изнесе оштетениот болид. На истата кривина налета Бјанки и со кацигата удри во долниот дел од кранот по што тешко се повреди и беше во кома. На Вајтинг му се замеруваше што не донел одлука да влезе безбедносното возило на патеката додека работел кранот.