Трикратниот светски првак во Формула 1, германскиот возач Себастијан Фетел беше најбрз на денешниот прв тренинг одржан на патеката „Хунгароринг“.
Фетел од „Ред Бул“ постигна време од 1.22,723 минути што претставува најбрзо извозен круг.
Второ време оствари неговиот клупски колега Марк Вебер кој доцнеше зад Фетел 26 стоти делови од секундата.
Кими Раиконен од „Лотус“ беше трет со 29 стотинки зад најбрзиот.
Четвртата позиција му припадна на Фернандо Алонсо (Ферари), а местата кои би се освоиле во квалификациите и кои обезбедуваат старт од третиот ред ги освоија Роман Грожан (Лотус) и Џенсон Батон (Мекларен).
На денешниот тренинг болидите на „Мерцедес“ возеа со новата компонента на пневматиците „Пирели“. Нико Розберг заврши на 8.место, а Луис Хамилтон на 13.
Главната трка од Шампионатот во Формула 1 за Големата награда на Унгарија ќе се вози в недела со почеток во 14 часот.