Компанијата „Ферари“ ги објави првите фотографии и технички детали за моделот „FXX K“. Автомобилот се темели на стандардниот „LaFerrari“, а е наменет за возење по тркачки патеки.
Иако во развојната фаза и во текот на тестирањето беше познат под ознаката „LaFerrari XX“, името на новиот модел е скратен на „FXX K“, при што буквата „K“ го означува „KERS“ системот за регенерација на кинетичката енергија.
„Ferrari FXX K“ е проектиран за патеката, но италијанскиот производител тврди дека автомобилот нема да се користи на трки.
Место тоа, овој ексклузивен „Ферари“ ќе им биде понуден на одбрани клиенти кои во следните две години ќе поминат низ специјална програма за обука за да можат во целост да го совладаат автомобилот, максимално да ги искористат неговите перформанси и на вистински начин да уживаат во возењето.
Во рамки на својата намена, „Ферари FXX K“ има и променета аеродинамика. Благодарение на новиот преден спојлер, автомобилот е за 30 милиметри понизок од стандардниот модел.
Најголеми промени се направени во задниот дел каде е заменет дифузерот, издувните цевки и светлата, а автомобилот доби нови вертикални аеродинамични елементи на задните крила.
„Ферари“ наведува дека сите овие промени придонеле моделот „FXX K“ да има 50 отсто подобро прилепување (downforce) од „LaFerari“, а унапредувањета се надополнети со специјалните тркачки гуми од фирмата „Пирели“.
Од „LaFerari“ е преземен и хибридниот погон, така што моделот „FXX K“ силата ја добива од V12 мотор со работна зафатнина од 6.262 кубици и електромотор.
Бензинскиот мотор произведува 860 ks (633 kW) што е за 60 ks повеќе отколку во „LaFerari“, додека силата на електричниот мотор е зголемена за 27 ks и изнесува 190 ks (140 kW).
Во конечниот биланс, возачот на „Ферари FXX K“ на располагање има 1050 ks (772 kW) и 900 Nm максимален вртежен момент.
„Ферари FXX K“ ќе почне да се произведува во 2015 година во ограничена серија, а бројот на примероци и цената на автомобилот засега не се наведуваат.