Македонскиот ракометен шампион одигра уште еден фантастичен натпревар во Лигата на шампионите, против германскиот Флензбург, го загуби со 24:22, што е одличен резултат со оглед дека реваншот се игра во Скопје.
Вардарци играа блескави 60 минути по кои ги замолчија домашните навивачи во „Фленс – арена“ предводени од брилијантните интервенции на голманот Ангелов и во нападот од Карачиќ. Иако во поголемиот дел од натпреварот судиите имаа нелогични пресуди, и поништуваа голови на нашиот шампион.
Домаќините го почнаа натпреварот со амбиции да создадат предност во воведните минути и поведоа со 1:0, а потоа и со 3:1. Беа на добар пат да направат поизразена предност, откако во неколку наврати дојдоа до три разлика, најпрвин со 5:2, а последен пат со 7:4.
Но, од тој момент се разбрани Петар Ангелов, кој буквално ги маѓепса домашните ракометари, што ги охрабри Вардарци во нападот, кои до средината на полувремето со серија од 3:1 прв пат израмнија на 8:8. Оттогаш натпреварот беше максимално рамноправен, а резултатот беше уште 4 пати израмнуван, се до 12:12. Со контрата на Брумен на две минути пред крајот на полувремето Вардар првпат успеа да поведе со 13:12, а Ангелов стигна до својата 8 интервенција.
По шестото израмнување, во последните моменти пред паузата Карачиќ со својот петти гол му донесе предност на Вардар во првото полувреме од 14:13.
Карачиќ продолжи во ист стил и на стартот од второто полувреме, со два нови погодоци одржувајќи ја предноста до 35. минута (14:16). Фленсбург набрзина постигна два гола за една минута, а нешто подоцна и ја врати предноста во своја полза (18:17). Раул Гонзалез зеде тајмаут, но тоа не смени премногу во играта на „црвено-црните“, Германците веќе зедоа замав, па за само неколку минути одново стигнаа до три гола предност (20:17). Карачиќ од пенал ја прекина серијата на противникот, следеше гол на Брумен, но стана јасно дека Германците играат далеку подобро во одбраната отколку во првиот дел.
За среќа, Вардар на својот гол го имаше извонредниот Ангелов, кој со неколку интервенции го одржа тимот кога му беше најтешко, па „вардарци“ на средината од второто полувреме преку Душебајев се приближија на само еден гол негатива (21:20). Македонскиот состав промаши неколку шанси за израмнување, Фленсбург казни со нови два гола за 23:20, по што Гонзалез одново беше принуден да побара тајмаут. Дибиров ја продолжи очајната вечер со ново промашување од крило, но Ангелов уште еднаш одбрани во вистински момент, спречувајќи го Сван за прв пат на мечот да го доведе Фленсбург до предност од четири гола.
Домашниот голман Расмусен ни создаде огромни проблеми откако одбрани уште еден пенал, овојпат на Филип Лазаров, по што на спротивната страна следеше исклучување на Абутовиќ. Могенсен погоди за 24:20, но на спротивната страна Хајнл исто така заработи исклучување по стартот врз Брумен. По пауза од скоро десет минути без постигнат гол, Дибиров конечно реализираше од седум метри и ја врати самодовербата кај „вардарци“. Тоскиќ веќе во следниот напад погоди за 24:22, по што Врањеш побара тајмаут за да ја организира играта на Фленсбург во последните неколку минути. Фленсбург имаше идеална шанса од контра преку Егерт, но Ангелов уште еднаш блесна кога беше најпотребно. Македонскиот репрзентативец веднаш потоа имаше уште една одбрана, но потоа во последната секунда Егерт уште еднаш истрча во контранапад, ја затресе мрежата на Вардар, но судиите оценија дека времето веќе истекло и конечниот резултат е 24:22.
Покрај најефикасниот на натпреварот Карачиќ со 9 погодоци, одличен беше Петар Ангелов на голот со 18 одбрани, а кај домаќините Егерт постигна 6.