Поранешниот светски шампион во тешка категорија, Ентони Џошуа, ќе се бори против ѕвездата на Јутјуб, Џејк Пол, во професионална борба на 19 декември.
Британецот Џошуа, 36-годишен поранешен двократен обединет шампион во тешка категорија, ќе се соочи со јутјуберот, кој сега е боксер, во Центарот Касеја во Мајами.
Мечот, кој ќе се емитува во живо на Нетфликс, ќе се состои од осум рунди од по три минути. Пол требаше да се бори со Гервонта Дејвис во егзибициски меч претходно овој месец, но борбата беше откажана поради тужба поднесена против Дејвис.
Џошуа, вообичаено познат по своето смирено и професионално однесување, овој пат беше исклучително остар.
„Ќе го згазам“, рече Џошуа на прес-конференцијата.
„Ова не е игра. Ова е вистински живот и ќе му ја покажам разликата помеѓу Јутјубер боксер и вистински светски шампион во тешка категорија“ – порача тој.
Продолжи со ист тон, нагласувајќи ја сериозноста на ситуацијата: „Го почитувам она што го направи за спортот, привлече нова публика, но сега влезе во мојот свет. И во мојот свет има последици. Ќе ги почувствува сите“.
Од друга страна, Џејк Пол беше забележливо порезервиран од вообичаено. Иако се обидуваше да го задржи почитувањето кон Џошуа, не пропушти да зрачи со самодоверба.
„Знам дека сум аутсајдер. Знам дека луѓето ме отпишуваат. Но, цел живот им докажувам дека грешат“, рече Пол.
„Ова е само уште едно поглавје во мојата приказна. Ќе го шокирам светот“ рече тој.
Пол, исто така, се потсети на својата победа минатата година против боксерската легенда Мајк Тајсон како доказ дека може да се справи со искусни борци.
Прес-конференцијата заврши со напнато соочување кое траеше неколку минути, што дополнително ги зголеми тензиите пред борбата, која треба да сруши рекорди на гледаност и да привлече огромно внимание од публиката ширум светот.
