Македонскиот вицепрвак Металург новата сезона од ракометната Лига на шампионите ќе ја почне со натпреварот во сабота на домашен терен против норвешкиот шампион Елверум.
Овие два тима и лани беа дел од ова натпреварување и играа во истата група. На дуелот во Скопје беше 22:19 за Металург, додека Елверум победи пред своите навивачи со 29:23.
На денешната прес-конференција во пресрет на дуелот тренерот Лино Червар ги искажа своите очекувања.
– На стартот од Лигата на шампионите ќе играме против „познат противник“. Но, екипата на Елверум има промени во однос на лани. Нивниот главен квалитет е високата одбрана, а ние ќе мора да се обидеме да играме широко и да ја развлечеме. Треба да внимаваме на нивниот брз центар и на нивната транзиција, секако и не смееме да имаме падови во играта. Нашата екипа е младата и по тоа сме единствени во Европа. Очекуваме да бидеме барем еден чекот во плус во однос на ланската сезона, рече Червар.
За саботниот натпревар во Металург нема да може да смета на повредените Немања Обрадовиќ и Стефан Дрогришки, додека за разлика од дуелот од СЕХА лигата се очекува настап на македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски.
Капитенот Филип Талески побара помош од публиката.
– Ова ќе биде дуел со познат противник. Ние сме желни за докажување и за борба. Со максимална ангажираност и со помош од публиката можеме да стигнеме до првата победа што би било одлично, рече Талески.
Натпреварот Металург – Елверум се игра в сабота со почеток во 17:30 часот во „ВИП Арена“ во СЦ „Борис Трајковски“, а натпреварот ќе го судат Фабиан Баумгарт и Саша Вилд од Германија.