ЕХФ воведува нов систем во европските купови

Од:

Почнувајќи од сезоната 2020/21 натпреварите под капата на Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе претрпат големи промени.

ЕХФ потврди дека ќе го менува форматот во елитната Лигата на шампиони. Така наместо досегашниот, од споменатата сезона ќе се применува целосно нов формат на натпреварување и тоа со скратен број на екипи.

Федерацијата планира Лигата на шампиони во сезоната 2020/21 да брои 12 екипи, кои ќе одиграат вкупно 22 кола меѓусебно (дома-гости), по што првите осум ќе се пласираат во четвртфиналето, а победниците ќе играат на завршниот „фајнал-фор“ турнир.

Она што е важно за македонскиот ракомет, е начинот на кој ќе се пополнат местата во оваа лига. Осум екипи ќе се пласираат како шампиони на најдобрите осум првенства во Европа, според коефициентот на ЕХФ, а останатите четири ќе добијат специјална покана.

Македонија, благодарение на европската титула на Вардар, во моментов е осмо рангирана, зад Германија, Унгарија, Шпанија, Франција, Полска, Данска и Хрватска.

Меѓутоа, никој не гарантира, дека македонското првенство ќе биде меѓу ТОП-8 во сезоната 2020/21, кога ќе биде воведен новиот формат. Ова рангирање на ЕХФ се прави според остварениот пласман во европските натпреварувања од последните три сезони, што практично значи дека во предвид ќе се земат тековната и следните две сезони.

Доколку мак-ракометот е надвор од ТОП-8 тогаш шанса за влез во елитната лига ќе се бара преку една од четирите специјални покани.

ЕХФ планира промени и во останатите натпреварувања, како во машка така и во женска конкуренција.

Во женската Лига на шампиони, ќе биде задржен системот по групи, но тогаш со вкупно 16 екипи поделени во две групи. Првопласираните четири ќе одат во четвртфиналето, а потоа на „фајнал-фор’“ турнирот.

Би можело да ве интересира

Романса на теренот: Босанска ракометарка запросена по натпреварот во Белгија

Предраг Петровиќ

Вардар прв финалист на Струшкиот ракометен турнир

Еурофарм Пелистер убедлив против домаќинот Струга на отворањето на Меѓународниот Струшки ракометен турнир

Норвешките ракометарки по трет пат станаа олимписки шампиони

РФМ: Благодарност до македонската ракометна јавност

Раководството на РФМ оствари средба со женската сениорска репрезентација

Предраг Петровиќ