Возачот на „Мерцедес“ Луис Хамилтон триумфираше на денешната трка од Формула 1 шампионатот за Големата Награда на Унгарија што се возеше на патеката во Хунгароринг.
Тој до својата 22. победа во кариерата, а прва оваа сезона стигна на доминантен начин и докажа дека оваа патека едноставно му одговара, бидејќи победува по четврти пат.
Во текот на целата трка Хамилтон водеше со исклучок кога влегуваше во боксот.
На подиумот до него беа Кими Раиконен од „Лотус“ и светскиот првак Себастијан Фетел од „Ред Бул“. Раиконен ја искористи тактиката со две влегувања и успеа да ги издржи нападите на Фетел.
Четвртото место го освои Марк Вебер (Ред Бул), петти беше Фернандо Алосно (Ферари), а на шестото место се пласира Роман Грожан (Лотус).
Во генералниот пласман води Фетел со 172 бода, Раиконен изби на второто место со 134, Алонсо има 133, Хамилтон 124, а Вебер 105.
Кај конструкторите води „Ред Бул“ со 250 бодови, пред „Мерцедес“ со 183, а „Ферари“ има 180.
Следната трка се вози за ГН на Белгија на 25 август на патеката „Спа Франкошамп“.