На третата трка од шампионатот во Брага во групата N ќе настапат само тројца возачи, а дуелот на македонскиот и чешкиот возач може да биде пресудно во трката за евопската титула.
Најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски Иџе викендов во Португалија ќе се обиде да направи победнички хет-трик во групата N од Европскиот шампионат на ридски патеки. Најголем проблем за лидерот во генералниот пласман, со максимални 50 бодови по трките во Франција и во Австрија, е долгиот пат до Брага.
Сепак, Иџе се надева дека изминатите 3.400 километри нема да остават трага на неговиот настап и дека со неговото Mitsubishi Lancer Evo IX ќе оствари уште еден голем успех за македонскиот автомото спорт. Третата и четвртата трка од првенството се возат на Пиринејскиот Полуостров, а по трката во Португалија седум дена подоцна е и натпреварувањето во Шпанија. Поради далечината и големите трошоци бројот на учесници за Европскиот шампионат на овие две трки е помал и често се случува натпреварувачите да калкулираат со настапите во Португалија и во Шпанија.
Од тие причини на претстојната трка во групата N ќе има само тројца возачи. Од чешките возачи кои му беа конкуренција на Иџе во првите две трки, во Португалија ќе настапи само нивниот најдобар автомобилистч Јиржи Лос. Друштво на Стефановски и Лос во групата N ќе им прави уште само шпанскиот рели ас Серхи Панела.
Според правилата на ФИА, доколку во некоја од групите кои се бодуваат за ЕП има помалку од пет возачи на трката, во тој случај се освојуваат само половина од бодовите за пласман. Можеби и во тој дел е тактиката на Чесите да не му овозможат на Стефановски бодовно да се одлепи од Лос пред настапите во Чешка, Полска и Словачка кои ги сметаат за домашни трки.
– Јас не сум во позиција да калкулирам затоа што морам да ги возам сите трки од првенството ако сакам останам во трка за шампионска титула. Без разлика дали има тројца или 30 конкуренти, доволно е барем еден од оние кои котираат високо во генералниот пласман да настапи на овие две трки и да направи разлика од 25 до 50 бодови во случај на мое отсуство. Чесите се цел тим на ранг на национална репрезентација и можат да си дозволат разни математики, но тоа е нивна работа. Јас си го следам мојот план – вели Иџе.
За трката на патеката Фалпера се пријавени вкупно 147 возачи од кои 22 за Европскиот шампионат, а останатите за португалското и шпанското првенство на ридски патеки. Инаку ова е најпопуларната ридска трка во Португалија со традиција која датира уште од 1927 година. Дел од Европското првенство е од 1976 до 2002 година, а од 2010 повторно се најде на календарот.
Според податоците на организаторот, на трката имало дури и по 200.000 посетители! Патеката е долга е 5,2 километри и ќе се возат три трки (две во сабота и една во недела), а за пласман ќе се сметаат најдобрите две возења.
– Ова е една од најбрзите ридски патеки во календарот. Има чудна конфигурација бидејќи освен нагорнините кои на некои места се и до 9 отсто има неколку брзи надолнини, а на поедини места се вози и со 200 километри на час како да е спуст, а не ридска трка – вели Стефановски.
Интересно е што минатата година Фалпера беше оценета како најлошо организирана трка во Европскиот календар и постоеше можност да го изгуби знакот како трка за ЕП што сепак не се случи по гаранциите добиени од локалните власти во Брага.
– Првичните впечатоци се одлични. Видливо е дека целиот град живее во ритамот на овој настан. По патеката забележавме групи луѓе кои подготвуваат шатори за тука да кампуваат за да ги фатат најдобрите места за гледање. Целата атмосфера е како фестивал. Кога пристигнувавме, сите што ќе здогледаа дека на приколката имаме тркачко возило ни мафтаа, не поздравуваа и ни посакуваа добредојде. Мислам дека ова ќе биде интересно искуство – изјави Иџе од Португалија.