Првиот натпреварувачки ден на меѓународниот натпревар во нордиско скијање „Мавровски меморијал“ што се одржува на падините на Бистра, ги донесе трките во 10 километри во машка и 5 километри во женска конкуренција.
Во машката трка на 10 километри, одржана на патеката „Мирна долина“ најбрз од 25-мината натпреварувачи кои стартуваа беше Хрватот, Еди Дачиќ, кој оваа делницата ја мина во време од 19:47.0 минути, пред Србинот, Дамир Растиќ и Младен Плакаловиќ од БиХ.
Македонскиот репрезентативец Дарко Дамјановски, кој имаше време 20:44.5 минути или 57.5 секунди заостанување зад победникот, го освои четвртото место, но она што е позначајно тој со освоените 90 ФИС-точки, ја оствари целта, односно обезбеди „А“ норма за настап на Олимпијадата во Пјеонгчанг.
Кај жените на патеката од 5 километри најбрза беше Дејана Косарац од БиХ со време 12:27.8 минути, нејзината сонародничка Сања Кусмак, а место на пиедесталот избори нашата натпреварувачка Викторија Тодоровска која оствари резултат од 12:46.0 минути.
Утре повторно ќе има натпревари на 10 км кај мажите и на 5 км кај жените.