Четврти европски медал за Емил Павлов, Пулексенија Јованоска на 5-то место

Од:

Емил Павлов оствари уште еден голем успех на европските првенства. Најдобриот спортист на Македонија за 2018 година ја доби борбата против Романецот Флорин Гоголоси со 3-2 и го освои бронзениот медал на 54-то Европско првенство во Гвадалахара, Шпанија. Иако противникот прв ги освои првите 2 поена во првата половина од борбата, Емил со смиреност својствена на најголемите шампиони, одлична тактика и психолошка стабилност во втората половина од борбата со три брзи акции успеа да освои три поени и да се избори за голем пресврт.

На крајот со својот четврти медал на европските сениорски првенства го повтори успехот од Монпелје 2016 година. Во 2014 година во Тампере беше европски шампион, како и минатата година во Нови Сад. Во Гвадалахара Емил постигна вкупно 4 победи и само еден пораз, во полуфиналето против Русинот Плахутин кој подоцна освои златен медал. Со овој успех Емил избори за норма за настап на вторите Европски игри, кои ќе се одржат во Минск од 26 до 30 јуни. На првите Европски игри во Баку пред 4 години Емил Павлов беше одреден за знаменосец, а стана и прв освојувач на медал од македонските спортисти, соопштуваат од Карате Федерацијата на Македонија.

Борба за бронзен медал имаше и Пулексенија Јованоска, која во кати мина три круга и се спротивстави на Французинката Александра Ферас. Според новиот бодовен систем, на крајот Пулексенија за нијанса не успеа да освои медал откако заврши со 25.46 поени а нејзината противничка со 26.08 поени. Пулексенија со тоа го повтори својот најдобар сениорски резултат од Монпелје 2016 година, кога исто така се пласираше на 5 место.

Од другите наши натпреварувачи на ЕП во Гвадалахара, позначајни резултати забележаа Берат Јакупи, кој по три победи во категорија – 84 килограми беше сопрен во четвртфиналето и немаше шанса да се бори во репасаж. Во женска конкуренција Наташа Стефановска оствари 2 победи и пораз, но и таа не доби репасаж. Екипно, машкиот тим во борби постигна 2 победи и пораз, а девојките екипно имаа по една победа и пораз.

На ЕП во Гвадалахара настапија рекордни 508 каратисти од 51 земја. За нашите каратисти и за КФМ е особено важно што продолжија со континуитетот на освојување медали на континенталните првенства. Следното 55 по ред европско првенство ќе се одржи во Баку, Азербејџан од 26 до 29 март 2020 година, што ќе биде последно големо натпреварување пред Олимписките игри во Токио.

Би можело да ве интересира

Недеви на карате семинар во Глазгов, Шкотска

Пет медали за Македонија на Балканското карате првенство – златен за Марко Џорлев

Дебарската каратистка Сара Дука освои бронза на Балканскиот шампионат во Словенија

„Макпетрол“ освои 11 медали на државниот плејоф карате-турнир за сениори

Ана Ололовска

Пет медали за каратистите на „Макпетрол“ на турнирот „Кроација опен“

Ана Ололовска

Реакција од Д-р. Бошко Заборски, тренер на македонскиот најтрофеен карате клуб „Макпетрол“-Скопје