Екипата на МЗТ Скопје Аеродром ја одбрани шампионската титула во кошаркарскиот шампионат на Македонија. До четвртиот трофеј во низа МЗТ Скопје стигна со убедливи 3:0 во победи во финалето на плеј-офот против екипата на Куманово.
На средбата одиграна вечерва во СЦ „Јане Сандански’’ кошаркарите на МЗТ Скопје го победија Куманово со 94:85 и ја забележаа третата победа, вредна шампионски трофеј.
Најефикасен во редовите на победничката екипа беше Предраг Самарџиски кој средбата ја заврши со „дабл-дабл” учинок од 22 поени и 11 скокови, додека кај гостите Вукашин Мандиќ постигна 23.
Ова е севкупно и четврти трофеј првак на Македонија за МЗТ Скопје во неговата клупска историја, а Куманово и по втор пат во финалето не успева да ја освои титулата.