Селекторот на македонската ракометна репрезентација Лино Червар на денешната прес-конференција пред заминувањето на Мундијалот во Франција, изјави дека е задоволен од сработеното и дека неговите избраници го дале максимумот во подготвителниот период.
– Поминавме тешки подготовки. Секој играч го даде максимумот и немам никакви замерки. Така треба да биде и на Светското првенство. Да прикажеме максимална борбеност и пожртвуваност. Одбраната е поагресивна, испробувавме одредени формации и во зависност од потребите ќе ја формираме нашата дефанзива. Противниците не сметаат за аутсајдери, а тоа може да биде и добро за нас. Ние не се предаваме против никого и ќе се бориме до последната сила, истакна Червар.
Македонскиот селектор информира дека пред првиот дуел со Тунис ќе одреди кој од 19 ракометари ќе биде во составот.
Капитенот Кирил Лазаров потенцираше дека играчите со нетрпение го очекуваат стартот на шампионатот и дека се подготвени како никогаш до сега.
– По напорните подготовки со голем ентузијазам го чекаме почетокот на СП. Најзначајно е што сите сме здрави. На физички, психолошки и тактички план сме добро подготвени, како никогаш порано. Ќе видиме на натпреварите дали тоа ќе биде доволно или не. Верувам дека може да се надигруваме и со посилните противници, нагласи Лазаров.
Македонската експедиција вечерва со автобус заминува за Софија, од каде со авион преку Виена ќе пристигне во Луксембург, а од таму со автобус кон крајната дестинација Мец, Франција.