Тренерот на македонскиот ракометен шампион Лино Червар повика на целосна мобилизација во пресрет на реваншот од осминафиналето во Лигата на шампионите против Динамо Минск.
– Ситуацијата бара тотална мобилизација за да се искористи моментот, четиригодишниот проект да биде крунисан со влез меѓу осумте најдобри. Металург има голема шанса да биде меѓу осумте европски ракометни гиганти, истакна тренерот на Металург на денешната прес-конференција.
И покрај победата од три голови разлика на првиот дуел во Белорусија, хрватскиот стручњак очекува многу тежок натпревар во реваншот.
– Квалитетна екипа како Динамо нема лесно да се предаде. Загрижен сум поради мислењето дека во Минск ја завршивме целата работа. Ако играме како на првиот натпревар со многу желба, трпeливост, упорност и дисциплина тогаш ќе ја оствариме целта, потенцира Червар.
Натпреварот Металург – Динамо Минск ќе се одигра в сабота во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, со почеток во 18 часот.