Лино Червар останува тренер на македонскиот ракометен првак Металург, но на кои играчи, ќе биде познато утре.
Иако се очекуваше денеска да биде разрешена комплетната дилема околу ситуацијата која подолг период владее во тимпт од Автокоманда, сепак и по денешната прес-конференција дел од дилемата останува – кои ракометари ќе играат за Металург под водство на тренерот Червар!?
Во пресрет на натпреварот против Нексе во СЕХА лигата, закажан за во недела, денеска на средбата со медиумите претседателот на клубот Левче Китевски информираше дека дефинитивно состав на Металург за вториот дел од сезоната, ќе биде познат најдоцна утре.
– Во текот на денешниот ден или најдоцна утре ќе има комплетна информација за тоа кој ќе биде нашиот состав, односно кои играчи ќе останат, а кои ќе заминат од клубот. Тренерот Лино Червар од утре исто така ќе биде на располагање на медиумите кога ќе стартуваат активностите во оваа година, со оглед на тоа што доцна синоќа допатува во Скопје. Не би сакал на оваа прес-конференција да зборувам за ништо друго, освен за дуелот кој не очекува со Нексе во СЕХА лигата. Сите оние дилеми кои постојат околу нашите амбиции и составот за иднина, ќе повторам, дека ќе бидат разрешени преку официјалното соопштение, истакна претседателот на Металург, Левче Китевски.
Китевски дополни дека Металург ќе продолжи со силно темпо во домашниот ракомет, а амбициите за сезонава остануваат освојување на шампионската титула.
– Може да кажам дека Червар останува тренер на Металург и има договор до јуни 2017 година. Како претседател на клубот може да кажам и дека активно продолжуваме со натпреварувањето во Лигата на шампионите, домашното првенство и СЕХА, а нашите амбиции за сезонава остануваат освојување на шампионската титула, рече Китевски.
Инаку, дуелот со Нексе на програмат е в недела со почеток од 20 часот и 15 минути.