Силата на Кил е во два сегмента. Имаат тројца врвни играчи кои мораме да ги спречиме со позициона игра. Вториот сегмент е во нивното големо искуство кое го користат да го казнат притивникот при неговите грешки.
Ова на прес-конференција го истакна тренерор на Металург Лино Червар во пресрет на првиот четвртфинален натпревар со Кил кој се игра в сабота во Скопје.
– Кил е екипа која не се предава и може да направи пресврт на резултатот многу брзо. Немаме право на грешка ако сакаме со нив да се бориме. Германскиот состав е апсолутен фаворит, но ние не сме екипа која лесно ќе се предаде, додаде хрватскиот стручњак.
Според него Кил игра брз центар со два пивота кој мора да се сопре и неутрализира. Не смее да се дозволи да им се отвори шутот на тројцата бекови на Кил кои се, како што рече, со брзина на „чкрапалото“.
Капитенот на Металург Филип Миркулоски ја нагласи големината на Кил, но ја повика публиката да им помогне и со заеднички сили да ја добијат битката во Скопје.
– Ќе сакаат да победат на овој натпревар, но ние сме тука да ги спречиме и да им го скратиме тоа задоволство, порача Миркуловски и додаде дека Металург ќе даде се од себе да победи.
Кил во Скопје пристига утре, а вечерта ќе одржи тренинг од 18 часот и 30 минути, во истиот термин кога в сабота во арената „Борис Трајковски“ ќе се одигра натпреварот.